Дамјановски: Нема да дозволиме да се дестабилизира Општината
Куманово и во најтешките моменти, беше стабилно место за живеење, а меѓунационалните односи отсекогаш биле на највисоко ниво.
Многу сум вознемирен од овој чин со кој сакаат да се дестабилизира локалната самоуправа на општината Куманово, која во измината декада и во најтешките моменти, беше стабилно место за живеење. Меѓунационалните и меѓуетничките односи отсекогаш биле на највисоко ниво. Од таа позиција упатувам порака до граѓаните да бидат мирни, и да дадат време да се откријат сторителите кои не мислат добро на граѓаните на Република Македонија, а пред се на овој град. Бидејќи синоќа имало и напад на воз во селото Опае, сметаме дека се работи за сценарио за да се наруши безбедносната состојба во Општината. Ние правиме се, меѓуетничките односи на овој град и соседните општини да бидат стабилни и да не излезат од контрола- изјави градоначалникот Зоран Дамјановски.
Градоначалникот побарал од надлежните служби да се засили контролата во јавниот превоз и да се зголемат безбедносните мерки во градот, за да не дојде до нови инциденти кои ќе ја нарушат безбедноста на граѓаните.
На улиците во градот денеска се забележуваше засилено полициско обезбедување.