Денот на независноста одбележан на Спомен Костурницата
По повод 21 година независна македонска држава, делегација од општината предводена од градоначалникот Зоран Дамјановски, борците, претставници од армијата, политичките партии, граѓанските здруженија, просветните работници положија цвеќе на Спомен Костурница во Куманово.
Во својот говор градоначалникот Дамјановски кажа дека ова е најсветлиот датум во поновата македонска историја.
На денешен ден во 1991 година граѓаните на Референдум се изјаснија за независна држава. Во историските случувања во тоа време на бившите југословенски простори, такво нешто беше мудар потег, миротворен и длабоко оправдан. Со Референдумот Македонија не само што ги избегна воените виори, туку помогна во историските процеси за самобитност и независност на македонскиот народ. Тој процес започна најдоцна кај балканските народи заради тоа што македонскиот народ имаше несреќа најдолго да биде под соседните великобалкански аспирации. Првиот успешен обид во остварување на тие стремежи на нашиот народ е Илинденското востание и десетдневната Крушевска република која за жал беше задушена од тогашната турска власт. АСНОМ во 1944 година беше прво трајно историско остварување на државноста на македонскиот народ - рече Дамјановски.
Дамјановски спомна дека Куманово е мултиетнички град што претставува предност, а не хендикеп. Пред присутните беа изрецитирани песни од Блаже Конески и Анте Поповски.