Дивите превозници ќе останат без возила
Превозниците без лиценца ризикуваат да ги изгубат возилата и да платат високи казни, доколку не ја легализираат нивната работа. Во досегашните акции на инспекциските служби, одземени се 16 возила, а деновиве контролите се зајакнати.
- Досега возилата се одземаа за период од три месеци, а казната ако се плати за седум дена изнесуваше 250 евра. Инспекторите прават интензивни контроли со што дивите превозници ќе бидат опоменати дека со новите измени на Законот за превоз во патен сообраќај предвидува трајно одземање на возилата. Ќе делуваме едукативно, ќе им укажеме на возачите, бидејќи потоа толеранција ќе нема - велат од Секторот за инспекциски надзор во Општина Куманово.
Возачот кој управува возило без лиценца ќе биде казнет со 500 евра. Ако превозникот има лиценца, но сообраќа на друга релација, тогаш возилото ќе му биде задржано од шест до дванаесет месеци. Доколку прекршокот го повтори, тој трајно ќе го изгуби возилото.
16-те возила се одземени на шест месеци и сместени се на пракинг просторот на јавното претпријатие "Чистота и Зеленило". Дел од одземените возила работеле и со табли на такси компании.
Од општинскиот инспекторат посочуваат дека инспекциската контрола во патниот превоз континуирано ќе се одвива и во наредниот период со цел воведување на ред во превозот во патниот сообраќај и доследно почитување на законските прописи.
Дивите превозници во Куманово се на штрек, а деновиве на постројката кај Општата болница имаше многу помал број на диви превозници од вообичаеното.