Двесте улици во градот се без имиња
Двесте нови улици во градот претежно во приградските населби сеуште не се именувани.
Најголем дел од нив се лоцирани во населбите Тоде Мендол, Перо Чичо, Зелен Рид и други населени места. Граѓаните од овие улици се водат на други адреси што им создава проблеми.
Бидејќи се нови куќи, еден дел од тие се водат на стари адреси што ги имаат. Секој ден бараат од наша страна да се решава овој нивен проблем затоа што ги засега за лична документација. Некои се водат на улици што се близу до нив како моментално решение, но мора да има имиња на тие улици - вели Зенун Исмаили, советник од НДП во Советот на општина Куманово.
Од секторот за урбанизам во општина Куманово велат дека нивни екипи ќе излезат на терен и за два месеци новите улици ќе добијат имиња.
Бидејќи се работи на легализација на бесправно изградени објекти и истите треба да бидат вметнати во системот, во наредниот период ќе формираме повеќе екипи кои ќе поминат на целата територија на градот. Ќе направат ажурирани подлоги, предлози за нивното именување и како такви ќе се достават до релевантни институции за нивна согласност, до Завод за статистика - објасни Лидија Ланг Спасовска, раководител на сектор за урбанизам.
Имињата на улиците потоа ќе бидат доставени до СВР Куманово.