„Еуро Колеџ“ ќе соработува со „Даталаб“
Приватната високо образовна установа „Еуро Колеџ“ Куманово потпиша договор за соработка со словенечка компанија за развој на деловна информатика „Даталаб“.
Со потпишување на договорот, „Еуро Колеџ“ се стекна со право на лиценца за користење на PantheonTM софтвер во реализација на наставата, и со тоа стана четврт партнер од сферата на високообразовните установи која го имплементира PantheonTM, покрај веќе постоечките, УКИМ-Економски факултет-Скопје, УКИМ-Машински факултет - Скопје и Универзитетот Гоце Делчев-Штип.
Соработката што ПВПУ„ Еуро Колеџ“ Куманово ја воспоставува со стопанскиот сектор континурано се проширува. Таа соработка е во функција на подобрувањето на квалитетот на наставата и создавање на адекватни услови за реализација на наставните програми со кои на студентите им се дава можност за стекнување со знаења, вештини и компетенции кои се барани на пазарот на труд. Покрај инсталација на софтверот, Грантот вклучува и обука на наставниот кадар што претставува посебен придонес на полето на стручното усовршување на наставниците - велат од „Еуро Колеџ„.
Освен во реализацијата на наставните програми по предметите од областа на сметководство и финансии, програмот PantheonTM ќе има своја примена и при спроведување на обуките за возрасни од програмата за „Службеник во сметководство“, која е верифицирана во Центарот за образование на возрасни и која ќе започне да се реализира во оваа студиска година.