Мени

Европска недела за превенција на ракот на грлото на матката

24.01.2012 15:47 | KumanovoNews

 Во Македонија ракот на грлото на матката е второ малигно заболување кај жените. Сите видови на рак на грлото на матката (99%) се поврзани со гениталната инфекција на хуман папилома вирус(ХПВ).

Европска недела за превенција на ракот на грлото на матката

Од 21 јануари до 28 јануари се одбележува 6-та Европска недела за превенција на ракот на грлото на матката. Во повеќе од 30 земји од Европа, истовремено ќе се одвиваат бројни активности, предавања за стручната и пошироката јавност, јавни манифестации и јавни настапи на медиумите со цел да се намали заболувањето и смртноста од ракот.

Превентивните тимови од Здравствениот Дом Куманово сместени во амбулантата „Тоде Мендол започнуваат со зголемени активности за вакцинација со ХПВ вакцина на сите подложни девојчиња според календарот за имунизација, кои ја немаат примено ХПВ вакцината. Целта е да се опфатат сите девојчиња на 12 годишна возраст од школските години 2009/2010,2010/2011, 2011/2012 кои не биле вакцинирани. Направен е план за вакцинација на терен во сите основни училишта од општините Куманово и Липково во текот на наредните две недели- вели др.Јадранка Стаменковска, раководител на Одделението за епидемиолошка дејност при ЦЈЗ Куманово.

 Во текот на кампањата под мотото „Да се бориме зедно против ракот на грлото на матката“ предвидени се предавања и информирање на населението за подршка за борбата против ракот на грлото на матката. Методот на цитолошки скрининг (ПАП брис), модификација  на ризик факторите, имунизација против ХПВ  и рана детекција  преку скрининг програми се компоненти за рано откривање и третман на болеста .

Цервикалниот канцер е втор најчест карцином после карциномот на дојката кај жените во Европската унија на возраст од 14 -55 години. Според  најновите проценки во 21 век приближно 65 000 жени во регионот на Европа ќе заболат од цервикален карцином а 32 000 ќе починат секоја година. Во Македонија исто така ракот на грлото е втора малигна неоплазма кај жените. Сите видови на рак на грлото на матката (99%) се поврзани со гениталната инфекција на хуман папилома вирус(ХПВ) кој е една од најчестите вирусни инфекции на репродиктивниот тракт кај жената.