Европската Унија бара поголема регионална интеграција
Европската Унија бара поголема регионална интеграција и движење на работната сила во земјите кандидатки за членство, беше кажано на денешната дебата организирана по повод 9 мај-Денот на Европа.
Дебатата ја организираа општина Куманово и Европското движење во Република Македонија, со цел младите, експертите, луѓето активни во политичкиот живот и невладиниот сектор да разменат мислења до каде е Македонија на патот кон ЕУ.
Државите кандидатки мора да потпишат договор за слободно движење на работната сила. Веќе има голем отпор на овој план. Србија ги има затворено границите, Македонија исто - вели Милева Ѓуровска од Европското движење во Република Македонија.
Сања Богатиновска, потпретседател на Локалниот младински совет се пожали дека невработеноста е голем проблем во градот и затоа младите или привремено се иселуваат или го продолжуваат образованието додека не најдат работа.
Експертот Димитар Мирчев рече дека во Македонија платите и пензиите се зголемени, а земјата е ниско задолжена што е добар економски показател. Со ова негово тврдење не се согласи градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски.
Знаеме дека нашите граѓани се најнесреќни, дека имаме најмал БДП, дека имаме голема невработеност. Вие сега ни раскажувате колку сме во заблуда и дека кај нас се живее најубаво - рече Дамјановски.
Експертот Стево Пендаровски рече дека тоа намалување на невработеноста од 10 отсто, за кое зборува власта е нереално.
Сите овие економски параметри се во однос на што?Ако споредувате по глава на жител што е логично, не знаеме колку жители има оваа земја. Ние не знаеме колку е работоспособното население во Македонија, колку има пензионери, колку има млади под 18 години. Се ова се статистички манипулации - кажа Пендаровски.
Учесниците на дебатата се надеваат дека состојбите во земјава ќе се подобрат, и дека Македонија ќе биде дел од ЕУ, не само територијално, туку во секоја смисла на зборот.