Фалат поштари во селата
Поради зголемениот обем на работа, Кумановската пошта има потреба од поштари во околните села.
Дел од поштарите заминале во пензија, двајца се на боледување, па оние што се на работа вложуваат напори пратките и писмата навреме да стигнат до граѓаните.
Од Македонски пошти велат дека до крајот на месецов состојбата ќе се стабилизира и се планира ангажирање на хонорарни поштари, кои освен фиксниот хонорар, ќе бидат мотивирани со одреден надоместок за секоја разнесена пратка. Лани имало конкурс при што одреден број вработени добиле решение.
Со големите корисници сме се договориле и поштата не смее да доцни повеќе од ден, два. Секоја сметка од ЕВН навреме ја доставуваме, секое судско писмо. Поплаки од граѓаните нема. Си има план според кој се работи. На пример за Пелинце пошта се носи еднаш во неделата и тоа е во четврток. Во поштата во Пчиња шалтерскиот работник е до 10 часот, а потоа оди на терен- велат од Македонски пошти.
За селата Арбанашко и Бајловце има договорни поштари кои разнесуваат писма.
Кумановската пошта освен Куманово, ги покрива Кратово, Крива Паланка, Липково , што значи дека има 180.000 корисници. Бидејќи се ближат одмори, нови вработени се повеќе од потребни, додаваат надлежните.