Голем интерес за работа во полиција
Огласот за прием на 300 полицајци во МВР создаде гужви на шалтерите во СВР Куманово. Ред се чека за добивање на уверенија за државјанство, но и за предавање на документите.
Работата е шест пати зголемена. Дневно примаме по 300 барања за уверенија за државјанство. Ако денеска подадат документ, утре документот го добиваат. Првата смена работи на прием, а втората на изработка на документите. Ова е втора недела по ред како забрзано се работи. Сега е ударниот термин. Очекуваме дека по 20 ќе се намали обемот на работа бидејќи конкурсот завршува - вели Драган Анѓеловиќ, раководител на сектор за управни работи во СВР Куманово.
Слична е состојбата и на шалтерите каде се издаваат изводи. Една од причините е конкурсот за прием на полицајци, но престојните уписи за на факултет и во средните училишта наложуваат да има повеќе работа. Дневно шалтерските работници примаат по 60 барања. Тие потврдуваат дека изводот како документ е валиден без разлика кога е издаден, но за одредени конкурси се бара изводот да не е постар од шест месеци.
Во последнава седмица се издадени 600 уверенија со кои се потврдува дека лицата немаат забрана за вршење на професија или дејност. Граѓаните посочиле дека ваков документ им е потребен за конкурсот на МВР кој е во тек - велат од Основен суд Куманово.
За кандидатите ќе следува строга селекција, проверка на физичката способност, психо тестови. Мажите мора да бидат повисоки од 175 цм, а жените да имаат висина од 165 цм. Првично ќе бидат изберени 330 луѓе, од кои најслабите 30 кандидати ќе отпаднат. За идните полицајци ќе има обука во Идризово. Кандидатите лично мора да достават документи во десетина полициски станици во Македонија, меѓу кои секторите за внатрешни работи во Битола, Велес, Куманово, Тетово, Охрид, Струмица, Штип и Скопје.