Граѓаните се освежија со ладна вода
На Градскиот плоштад и на автобуската постројка на улица „Гоце Делчев„, волонтери од Црвен Крст нудеа чаша ладна вода за граѓаните.
Тие се задоволни од последната акција и велат дека заради голем интерес донеле дополнителни количини вода. Ова е една од мерките за заштита од високите температури кои деновиве го достигнаа максимумот од 41 Целзиусов степен. Граѓаните се трудат да се заштитат од жештините и непотребно да не излегуваат надвор.
Кога работам прва и втора смена морам да се движам на топло време. Пијам течности доста, дома сигурно пиеме по 6 литри на ден. За викенди одам во село Бајловце, таму е повисоко и е поладно. Климата е поразлична од овде. Дува ветер, и не се чувствува жештината - вели Живко Јовановски од Куманово.
Акции за делење на вода се спроведуваат во сите градови во земјава. На граѓаните волонтерите им поделија и флаери на македонски и албански јазик со совети како да се заштитат во летниот период. До крајот на летото ќе има уште две вакви акции. Денешнава акција ќе трае два часа.