Мени

Градоначалникот се сретна со професори од Франција

16.11.2012 12:34 | KumanovoNews

 Tројца професори од Амиен, Франција, кои се во посета на гимназијата „Гоце Делчев„, заедно со нивните домаќини,  утрово ја посетија Општината Куманово.

Градоначалникот се сретна со професори од Франција

Гостите ги прими градоначалникот Зоран Дамјановски, кој им објасни дека Куманово е најголема општина во државата, со 22 училишта и вкупно 24.000 ученици.

- Мило ми е што имате добра комуникација. Ние во две училишта во градот, гимназијата и во ОУ “Крсте Мисирков“ имаме билингвални паралелки во кои се изучува францускиот јазик. Благодарение на таа добра врска со француската држава, многу деца отидоа да студираат во Франција и да стекнат пошироко знаење. Локалната самоуправа дава поддршка на ова збратимување - рече Дамјановски.

Директорот Љубиша Николиќ објасни дека посетат на Французите ќе ја искористат за да ги согледаат карактеристиките на образовниот систем во двете држави и да разменат искуства за културното наследство.

Ќе има проекти во сите области, првично размена на студенти и професори. Може ќе се создадат и мостови на соработка во стопанството - истакна Николиќ.

Професорите рекоа дека се пријатно изненадени од гостопримството на луѓето овде, а пред да пристигнат тука не знаеле многу за нашата земја.

- Нашата Гимназија има 850 ученици и 80 професори. Ние сме на 200 км северно од Париз. Во април 20 наши ученици ќе дојдат на размена. Овде учениците на час беа многу внимателни, слушаа, откривме многу и сакаме повторно да дојдеме - изјави Изабел Февро.

 Професорот Франк Делануар, вели дека кај нив учениците не се наклонети многу кон странските јазици, го изучуваат најчесто англискиот јазик, најмногу го сакаат шпанскиот и поретко се учи и германски јазик.

Наставниците престојот го привршуваат со посета на Скопје.