Градот нема шелтер центар, а насилството зголемено
Во Куманово порано функциониран шелтер центар од затворен тип за згрижување на жени жртви на насилство, но по негово затворање жените се упатуваат во Свети Николе.
Ако порано повеќето млади жени пријавувале семејно насилство, сега и постарите се решаваат да се јават на регионалната СОС линија. Се одлучуваат на таков чекор бидејќи неможат да го издржат физичкото и психичко насилство од сопрузи алкохоличари и корисници на дроги. Според надлежните институции кои се занимаваат со оваа проблематика се почесто и мажите се жртви на агресивни жени.
Последниов месец се јавија пет жени жртви на насилство, а за цела година само двајца мажи се пожалиле. Едниот имаше проблеми со сопругата која му ги земаше деца, а друг економски го оштетила. Едниот со снимка од телефон докажа дека жената физички го малтретирала, го мавала со предмети. Има жени кои не го препознаваат психичкото насилство. Тоа е кога мажот и го ограничува буџетот, кога не ја пушта на гости и ги ограничува контактите. Тие примери се многу чести. Сега сме во преговори ако може пак шелтер центар да се отвори. - вели Соња Арсовска, волонтер на СОС линија.
Лани 15 жртви се пратени во Центарот за социјални работи каде се спроведуваше програма за економско јакнење на жените од оваа категорија. Од нив само две продолжиле да ја следат програмата. Преку СОС линијата жените можат да побараат и правна помош. На четири жени им е помогнато да им се реши нивиот случај.
Штом ќе го пријават насилникот, ако имаат видливи повреди жените се советуваат да извадат лекарско уверение. Секоја трета жена трпи некоја форма на насилство. Ние планираме да направима анкета па ќе имаме конкретни податоци. Психичкото насилство жените го трпат и го сметаат како нешто нормално. Треба со нив да се работи - вели Арсовска.
СОС линијата за пријавување на насилство во Куманово е отворена во 1999 година.