Храна и дрва за семејството Мирковиќ
Организацијата на жени „Кумановка“ денеска донираше храна и дрва за огрев, за социјално-загрозеното семејство на Драган Мирковиќ кој живее во трошна куќа , без струја и без приходи.
Помошта е обезбедена од наш сограѓанин кој живее во Германија, за да на овие луѓе им се помогне пред христијанскиот празник Велигден. Од „Кумановка“ ветија дека ќе обезбедат и нови прозорци за ова семејство, како и помош за уште едно сиромашно семејство кое живее во ист двор со нив.
Секоја година пред Велигденски празници имаме хуманитарни акции. Оваа година помошта е добредојдена од наш сограѓанин, кој доброволно донираше за семејството на Драган Мирковиќ, чиј дом беше опожарен. Дониравме кубик дрва, месо, јајца, прехранбени производи и тука не застануваме“- вели Виолета Петровска, претседателка на „Кумановка“.

Драган Мирковиќ се заблагодари за помошта, и кажа дека е во незавидна состојба бидејќи е без работа, а не прима ниту социјална помош. Има три деца на возраст од 7 години, две години, а вчера му се роди и ќерка.
Моите деца не виделе ни струја, ни јадење , ни пиење, ниту греење. Ништо немаме, сега не знам што ќе биде понатаму. Собираме шишиња, по канти собираме ако има нешто. Кај и да отидам ме бркаат, не можеш со никој да се справиш. Апелирам барем струја ако може да ми се пушти - рече Драган Мирковиќ.
Жените од „Кумановка“ деновиве ќе однесат помош за жртва на семејно насилство во населба Карпош и за семејство на стечаец во Доброшане.
