Хрватскиот амбасадор во поздравна посета на Куманово
Хрватскиот амбасадор во Македонија, Златко Крамариќ денеска беше во поздравна посета на општина Куманово.
На Крамариќ наскоро му завршува мандатот, од Македонија заминува во конзулатот во Бања Лука, а потоа ќе биде амбасадор во Белград. Вели дека не случајно прво одлучил да го посети Куманово, затоа што за него ова е еден пријателски град и на кумановци и на граѓаните на Македонија им посакува подобар живот, успех, среќа на секое поле и интеграција во ЕУ.
Обично кажуваат дека амбасадорите се тажни кога си заминуваат затоа што се заљубиле во земјата примател, а мојата ситуација е обратна. Јас дојдов во Македонија затоа што добар дел од мојот живот во 80-те години беше баш промовирање на македонската литература и култура. Јас во Осијек предавав за вашата култура и литература. Сите убави работи кои ми се случија се затоа што се занимавав со вашата култура, книжевност. Верувам во иднината на Македонија. Од стари стекнав нови пријатели, ќе се враќам во Македонија, дај боже во некои поинакви времиња - рече Крамариќ.
Вели дека секогаш имал партнерски, пријателски однос кон Македонија и престојот во земјава за него е драгоцено искуство.
Градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски во свое и во име на граѓаните на амбасадорот му врачи скромен подарок.
Ова е еден сувенир од кумановско, кој во наредниот период ќе го потсетува за се што направи, даде придонес со неговото работење како амбасадор. Го сметам амбасадорот за мој пријател од една многу значајна земја во Југоисточна Европа и на Балканот. Посебно ми е жал што ова пријателство, оваа соработка ќе се прекине на деловен план. Останува нашето пријателство доживотно претпоставувам и ова е една симболична посета - изјави Дамјановски.
На местото на Крамариќ доаѓа Даниела Баришиќ, портпаролка на Министерството за надворешни работи на Хрватска.