Идните првачиња славеа мини матура
Во градинката “Синоличка“ денеска децата од големата група го славеа заминувањето од градинката и поаѓањето во училиштето.
Десетина години наназад сите градинки организираат прослава за децата од поголемите групи кои ќе заминат во друга образовна установа. Годинава први славеа децата од градинката “Синоличка“, а во текот на неделава истото ќе го направат и останатите градинки.
Правиме прослава за мини матуранти, така ги нарекуваме. Ќе има културно - забавна програма со која ќе се одбележи завршницата на престојот во градинка. Децата ќе изведат неколку точки. Дојдени се сите родители, баби, дедовци. Ќе учествуваат деца од сите воспитни групи. Во нашата градинка се згрижени 170 деца - вели Лила Божиновска, воспитувач.
Најмалите продефилираа пред присутните во различни костими. Родителите велат дека градинката има клучна улога во воспитувањето на децата.
Многу добра подлога е градинката бидејќи тука децата стекнуваат навики за облекување, јадење, лична хигиена. Не е само игра, туку учат и да бројат, да собираат, го совладуваат и англискиот јазик - рече Татјана Георгиевска, родител.
Родителите се согласни дека градинките помагаат за побрза социјализација на децата и нивна подготовка за на училиште.