Мени

Исчистете го оџакот да не ве казнат

15.10.2014 15:03 | KumanovoNews

Од 2000 до 5000 евра за фирма и од 1000 до 2000 \nевра за директорот, а граѓаните ќе платат од 500 до 1000 евра ако не го почитуваат законот

Исчистете го оџакот да не ве казнат

Пред почетокот на грејната сезона, граѓаните и фирмите се должни да ги исчистат оџаците. Од Дирекција за заштита и спасување предупредуваат дека сите што се грејат дрва и нафта, обврзани се неколкупати годишно да ја отстранат нечистотијата од оџаците, и со тоа да избегнат казна и да спречат евентуална појава на пожар.

Правилникот кој ја регулира оваа проблематика предвидува институциите, јавните претпријатија, фирмите, единиците на локалната самоуправа еднаш месечно во сезона за греење и еднаш вон сезоната да ги исчистат оџаците, а домаќинствата треба два пати во грејна сезона и еднаш вон грејна сезона.

„ Надзор за спроведување на овој закон врши Дирекцијата за заштита и спасување, преку инспектори за заштита и спасување. Контроли се вршат кога ќе почне грејната сезона, а за вентилационите отвори, за каналите за воздух контролата е континуирана и трае нон стоп. Глоба од 2000 до 5000 евра ќе се изрече на правно лице ако не постапи согласно закон, од 1000 до 2000 евра за одговорно лице за правни лица, а за физичките лица глобата е од 500 до 1000 евра“ - изјави Станислав Илиќ, инспектор за заштита и спасување во Дирекција за заштита и спасување.

Со правилникот не е регулирано дали чистење треба да го врши фирма или газдите можат да го направат сами.

Граѓаните велат дека ги чистат оџаците редовно, бидејќи се плашат од пожари, а сметаат дека казните се превисоки за нашиот стандард.

“Живееме во куќа и се грееме комбинирано, на струја и на дрва. Оџакот го чистиме редовно пред грејна сезона, бидејќи постои опасност да настане пожар„ - вели кумановката Вела Трајковска.

Оџаците можат да се исчистат и ако се запалат, но тоа е многу опасно доколку лицата не се стручни.