Мени

Изложба на Живојин Трајановиќ во Уметничката галерија

15.09.2014 12:57 | KumanovoNews

Во Уметничка галерија утревечер во 19 часот ќе биде отворена изложба, по повод 40 години сценографско творештво на академскиот сликар - сценограф Живојин Трајановиќ.

Изложба на Живојин Трајановиќ во Уметничката галерија

Изложбата претставува една ретроспектива на сценографското творештво на авторот во изминативе 40 години. Го претставува опусот на неговата работа - идејни решенија на многубројни претстави кои се претставени во вид на скици. Концепциски поделена е на драмски, балетски и оперски дел. Покрај овие скици ќе бидат претставени и реализации на музички ТВ емисии, концерти, како и повеќегодишни сценографски решенија за Струшки вечери на поезијата. Скиците се работени во различни техники: молив, темпера и компјутерска обработка.

Живојин Трајановиќ е роден 1948 година во с.Табановце, Куманово. Во родното место го завршува основното, а средното образование го продолжува во уметничкото училиште во Пеќ на отсек внатрешна архитектура. Во 1968 година се запишува на Филозофски факултет - историја на уметноста , а апсолвент станал во Белград. Во 1972 година се запишува на Академијата за применета уметност - отсек сценографија во Софија каде дипломира во 1976 година. Од 1977 година работи во Македонската радио телевизија и во текот на неговото двегодишно работење има реализирано над 60 проекти.  Од 1979 година работи во македонскиот народен театар - Опера, како сценограф.

Со своите сценографски трудови има учествувано на повеќе републички, државни и меѓународни изложби.