Мени

Измислeна приказната дека змија каснала дете

22.08.2012 09:14 | KumanovoNews

 Деновиве во јавноста се прошири информација дека змија каснала дете додека возело автомобилче кај спортската сала во Куманово.

Измислeна приказната дека змија каснала дете

Според чаршиските муабети детето наводна починало на пат кон Скопје, затоа што во кумановската болница немало серум против змиски отров.  Во приказната што кружи меѓу кумановци се наведува дека змијата била сокриена во електричното автомобилче, па четиригодишното дете ја згазнало додека се возело и таа го каснала.

За да ја провериме веродостојноста на оваа информацијата побаравме одговор од  надлежните служби во градот.

Во кумановската полиција велат дека кај нив не е регистриран таков случај што значи дека информацијата не е точна.

Доколку имало такво нешто, нас по службена должност ќе не известат од болницата и сигурно би следеле санкции против сопственикот кој ги изнајмувал автомобилчињата. Вака може да се заклучи дека се работи само за чаршиски муабети што некој ги пласирал а граѓаните ги шират меѓусебно-велат од СВР Куманово.

На Инфективното одделение во кумановската болница слушнале за случајот. Уште мината среда им се јавиле вознемирени граѓани да прашаат дали е вистина тоа што се зборува.  

И нас граѓаните не прашуваа дали имало таков случај, дали дете каснато од змија во Луна паркот. Во нашата установа такво дете не е примено, ниту пак е побарана лекарска помош - велат лекарите.

Тие тврдат дека имаат доволни количини на серум против змиин отров, а последен случај на убод од змија е регистрирана на 2 мај. Се работело за постар човек кој живеел на село.

Додаваат дека каснување од змии има најмногу во мај и јуни, додека во овој период од годината ваквите случаи се поретки.

Од Спортската сала исто така потврдуваат дека се работи за груба шпекулација дека змија каснала дете на нивниот паркинг и дека се работи за злонамерно пласирање на информацијата. Сопственикот на автомобилчињата вчера си заминал од градот затоа што по проширување на информацијата му паднала работата и никој не сакал да ги вози децата во неговите колички.