Мени

Книга на жалост за загинатите бранители

11.05.2015 12:46 | KumanovoNews

Пред Центарот за култура “Трајко Прокопиев“ граѓаните се потпишуваат во книга на жалост, отворена за осумте загинати бранители викендов во вооружените дејствија во Куманово.

Книга на жалост за загинатите бранители

Ова се прави на иницијатива на „Здружение на бранители 2001 Куманово“, и уште неколку граѓански здруженија за да им се оддаде почит на оние кои ги дадоа животите за враќање на мирот и безбедноста.

Книгата на жалост ќе биде отворена до 19 часот и во неа граѓаните на Куманово ќе можат да ги изразат своите чувства, пораки кон загинатите херои и нивните семејства. По завршувањето книгата ќе биде предадена во Министерството за внатрешни работи, каде што читајќи ги тие пораки ќе сфатат колку народот е со нив, и колку им дава поддршка“ - изјави Предраг Петрушевски, претседател на „2001 Куманово“.

Граѓаните во ред чекаа за да се потпишат во книгата на жалост.

Напишав да почиваат во мир. Им кажав дека ќе ги славиме, нема да ги заборавиме. Тие загинаа за нашата слобода - вели Далибор Петковски, граѓанин.

Во акцијата во Куманово загинаа Жарко Кузмановски од тетовското село Брвеница, Ненад Серафимовски од гостиварско Зубовце, Сашо Самојловски од Тетово, Бобан Ивановиќ од Скопје, Горан Илијевски од Гостивар, Исамедин Османи од скопско Студеничани, Љубиша Арангеловиќ од Скопје и Горан Стојменовиќ од скопско Миладиновци.