Кој е надлежен за загадените чешми во Проевце?
Дваесетина дена по откривањето на бактеријата во минералната вода во јавните чешми во селото Проевце, жителите на Куманово и околните села се уште ја користат за пиење.
Иако од Центарот за јавно здравје беше апелирано водата во никој случај да не се пие, пред чешмите редици од граѓани полнат вода за дома и се капат.
Јавните чешми во селото Провеце се дел од Кумановска бања и до пред неколку години ги одржуваше АД „Бисерка„, која ја продаваше минералната вода „кумановка„. Откако фирмата отиде под стечај чешмите и Бањата се оставени да пропаѓаат. Целиот простор околу нив е неуреден и запуштен, и претставува потенцијално место за појава на зараза. Во моментот јавните чешми никој не ги одржува, а институциите ја префрлаат одговорноста едни на други кој треба да го реши проблемот.
Од Центарот за јавно здравје и Агенцијата за храна и ветеринарство го известиле Инспекторатот за животна средина при Општината Куманово за најновите анализи на водата и побарале да најде начина да ги исчистат или сменат цевките на чешмите за да се отстрани бактеријата. Исто така апелираат до локалната самоуправа чешмите да ги огради и да се заштити од несовесни граѓани кои се капат и го загадуваат целиот комплекс. Но од Општината велат дека тоа не е нивна работа и дека термалните извори во Проевце се во надлежност на државата.
Куманово нема владение на изворите ниту на Бањата, и поради тоа ние немаме надлежност во решавање на овој проблем. Ние досега неколку пати сме интервенирале во инфраструктурниот дел околу изворите, но бидејќи никој не стопанисува со нив и не се обезбедени, опремата брзо се уништува. Кога ќе добиеме дозвола од Министерството за транспорт и врски за концесионирање со таа вода, Општината ќе преземе адекватни мерки и ќе ги одржува овие јавни чешми согласно со законот-вели градоначалникот Зоран Дамјановски.
Бактеријата ја има во 4 од осумте чешми. Заразен е крајот на цевките каде истекува водата, бидејќи е обвиткани со бигор. Во водата брзо се шири и предизвикува инфекции кај лица со ослабнат имунитет и болните луѓе. Санитарната инспекција поставиле табла со забрана за користење на водата, но граѓаните не ја почитуваат. Тие сметаат дека водата е исправна и дека некој намерно ја пласира информацијата дека водата е загадена за да ги земе изворите и водата да ја продава.
Причина за појава за бактеријата псеудомона саерогеноза е нечистотијата, бидејќи во летниот период покрај за пиење, несовесни граѓани се капат во коритата на чешмите. При тоа цевките ги допираат со телото и на тој начин ги заразуваат. Од Центарот за јавно здравје во понеделникот земале нови мостри вода, а резултатите ќе бидат познати денеска.