Мени

Кој каде ќе одмара?

18.06.2012 13:11 | KumanovoNews

 По напорните работни обврски повеќето од граѓаните ќе заминат на заслужен годишен одмор. Летото и високите темпратури полесно се минуваат на море, езеро, планина или покрај река.

Кој каде ќе одмара?

  Направивме анкета каде ќе летуваат дел од нашите сограѓани.

Оливер Спасовски, пратеник во Собранието на РМ

Годишниот одмор на пратениците во Собранието е колективен и тоа во август. Одморот ќе го поминам со моето семејство во некое од домашните летувалишта, можеби во Охрид на македонскиот туристички бисер. Добро ќе ми дојде да се одморам од секојдневните обрски и брзото темпо на живот, а истовремено да се посветам повеќе на семејството.

Верче Лазаревска, раководител за инспекциски надзор во Општина Куманово

Одмор ќе користам на крајот на јули. Немам ништо конкретно испланирано, но сигурно ќе одам некаде со сопругот. Претпочитам море, и тоа Јадранското море го сакам највеќе. Претходните години сум била во Египет, Грција и Бугарија. Турбо работиме, работата во инспекција е динамична и ни треба одмор за да ја надополниме енергијата.

Срѓан Ивановски, претседател на Унија на млади сили на ВМРО - ДПМНЕ

Почетокот на август ќе одмарам десет дена. Се уште не сум одлучил каде ќе биде тоа, но преферирам море. Можна дестинација е Источниот брег од Егејско море. Ангажирани сме цела година, и одмор ни е повеќе од потребен. Барем овие месец - два да ги наполниме батериите за септември. Практикувам да одам на планина. На езеро исто така, без Охрид не поминува лето. Излети во природа сакам. И манастирскиот туризам е добра опција за одмор. Сум бил на „Свети Јоаким Осоговски„ и „Свети Јован Бигорски„.

Мартин Костовски, секретар на општинска организација на СДСМ Куманово

Со оглед дека СДСМ во својата агенда јули и август ги предвидува како работно лето, се надевам дека во некој нормален рок ќе ги завршиме сите наши партиски обврски и ќе остане некоја седмица за одмор. Планирам со мојата девојка да одам на одмор, меѓутоа дестинацијата не е одлучена, најверојатно ќе биде некоја соседна земја. Секогаш сум сакал море. Имам добри искуства со сместувањето и аранжманите кои ги уплаќаме преку една туристичка агенција од градот. На општо задоволство се надеваме дека и оваа година ќе биде така.

Зоран Павловски, претседател на општинска организација на ЛДП Куманово

Сега правиме список, кој кога ќе користи одмор. Јас сум во јули, иако не сум сигурен дали ќе биде тој термин. Инаку лично не верувам дека некаде ќе отидам на летување затоа што имам два студента од оваа година. Ќе мора дел од средствата да се насочат за нивно образование. И минатата година бев на викендичката во село Пелинце. Дел од времето го поминав таму. До пред некоја година одев на различни места, во Грција, Албанија, Бугарија и Охрид. За оваа година навистина не знам. Ако нешто се искористи тоа ќе биде при крајот на август. Можеби некој викенд до Охрид, или да се отиде до Грција на неколку дена.