Конечно ќе се заштити црквата „Свети Ѓорѓи„
Kонечно ќе се заштитат од пропаѓање фреските во црквата „Свети Ѓорѓи„ во Старо Нагоричане, стари седум века.
По три години чекање и административна процедури за добивање средства од Европската Унија, во наредните неколку месеци ќе се реставрира и конзервира фрескоживописот, кој е во мошне лоша состојба, поради тоа што протекува покривот на објектот.
Директорот на управата за заштита на културното наследство Паско Кузман, вели дека само со едноставен градежен зафат и времено поставување на покрив, како што експертите од Италија тоа го извеле во црквата Света Богородица Перивлепта во Охрид, состојбата би се поправила.
Фрескоживописот во црквите кои опстојуваат со векови е нешто како кога се прави операција на срце и нивната заштита е толку значајна. Мора внимателно да се води сметка, бидејќи некогаш со интервенција може да се наштети уште повеќе на живописот отколку да се заштити. Ако нема подршка во државата, ние бадијала сакаме и се стремиме нешто да постигнеме. Условите и околностите зависат од тоа колку е моќна државата- вели Кузман.
Во Општината Старо Нагоричане, ни Кокино не го доби заслуженото место, и по десет години од откривањето не стана примамлива туристичка атракција.
Десет години можеби изгледа долго, меѓутоа тоа е многу краток период за да се проценат целосните вредности на локалитетот. Напори се прават, веќе има одредени насоки и идеи за регулирање на локалитетот со пешачки патеки, со оградување на самиот локалитет. Па не може се одеднаш да се направи, се одеше прво на истражување, да се оценат неговите вредности и на крајот на краиштата што доколку не се оценеше дека е тоа вреден локалитет- Зоран Павлов, претседател на ИКОМОС Македонија.
На еднодневниот форум во Старо Нагоричане се говореше токму за светското наследство и одржливиот развој на локалната заедница, меѓутоа, оваа мала општина нема капацитет без помош на државата, достојно да го презентира пред странските туристи она што го поседува.
До сега Општината сама од својот скромен буџет инвестираше во пропагандни материјали и презентации. Баравме подршка повеќе пати но добивавме одговор дека се чека да се добие подршката од УНЕСКО - Миодраг Јовановиќ, градоначалник на Општина Старо Нагоричане.
За реставрација на црквата „Свети Ѓорги„ се обезбедени милион евра европски пари, а за одржување на Кокино државата обезбедува 100 иљади денари годишно.