Мени

Корисници на дрога учеа како да помогнат на предозирани лица

29.06.2012 13:27 | KumanovoNews

Во Дневниот центар за рехабилитација на корисници на дрога и членови на нивни семејства, кој функционира во состав на Центарот за социјални работи во Куманово, денеска се одржа предавање за предозираност на наркозависници.

Корисници на дрога учеа како да помогнат на предозирани лица

Доктор Ненад Николиќ, специјалист по психијатрија, објасни на присутните како да се помогне на лице, кое  е предозирано и се наоѓа во овер.

Се укажуваше на тоа како да се откријат симптомите и да се даде прва помош до доаѓање на лекар. Ова предавање беше наменето на самите наркозависници, бидејќи тие се најчесто со своите пријатели кога доаѓа до предозираност.

Во Дневниот центар за рехабилитација на корисници на дрога и членови на нивни семејства секојдневно доаѓаат 16 корисници на дрога. Таму секојдневно имаат едукативни и рекреативни активности, предавања, работа на компјутер и екскурзии.

Самото присуство во центарот и активностите, допринесуваат да се намали употребата на дрога и овие лица да се отргнат од улица, допирот со дрогата и дилерите. За тоа имаме и официјално признание од МВР дека оние корисници, кои ги користат нашите услуги далеку помалку се занимаваат со инкриминирани работи-вели психолог Ванчо Јаневски.

Од центарот велат дека има поголем интерес за престој во центарот, но капацитетите и стручниот кадар се ограничени. Во тек е објавата за прифаќање на корисници во втората половина на годината.

Центарот е формиран во 2005 година и досега низ него поминале над 115 наркозависника. Престојот е бесплатен а активноста ја финасира Центарот за социјални работи.

Предавањето го организира Асоцијацијата за здрави животни навики „Пулс„.