Кривични пријави за незаконско сечење државна шума
Во рамки на акцијата “Гора“, поднесени се кривични пријави против И.А.(53) од село Режановце поради основано сомнение дека сторил две кривични дела злоупотреба на службена положба и овластување и фалсификување службена исправа и Ж.Б. (63) од село Малотино, за употреба на исправа со невистинита содржина и пустошење шума.
И.А. вработен во Кумановскиот катастар во 2013 година ја злоупотребил својата службена положба, така што по претходен договор со Ж.Б. во Одделение за катастар на недвижности Куманово, оформил предмети за наводна исправка на техничка грешка по службена должност. За 7 парцели од катастарска општина Малотино кои биле во државна сопственост со вкупна површина од 53.141м², без никаков правен основ изготвил потврди за исправка на техничка грешка по службена должност во кои внел невистинити податоци за сопственост . Откако ги заверил потврдите со свој потпис, ги спровел во електронскиот Одделение за катастар на недвижности Куманово, и ги префрлил во имотен лист на Ж.Б. Тој иако знаел дека имотниот лист содржи невистинити податоци, ги искористил како вистинити поднесувајќи ги како доказ за сопственост пред лиценцираните лица за вршење стручни работи од областа на шумарство во приватни шуми. Ж.Б. добил одобренија за сеча на огревно дрво од шест катастарски парцели во вкупна количина 675м³ огревно дрво. Со оваа сеча ја оштетил државата за 4.725.000 денари.