Мени

КУД “Ѓоко Симоновски“ прослави десет години постоење

31.10.2012 09:16 | KumanovoNews

 Со богата програма, пензионерите од КУД “Ѓоко Симоновски“ одбележаа десет години од формирањето.

КУД “Ѓоко Симоновски“ прослави десет години постоење

Здружението на пензионерите може да се пофали со бројни секции, повеќе оркестри и над 330 јавни настапи во земјава и странство за десетгодишното работење. За себе велат дека се вбројуваат меѓу најактивните пензионерски ансамбли во државата.

- Ќе биде издадена Монографија за културното творештво на пензионерите. Јубилејот е краток, десет години се малку, но достигнувањата се големи. Сме настапувале во Србија, Бугарија, Хрватска, Словенија, Албанија. Излеговме од границите на Македонија и друштвото си ги докажа своите квалитети - изјави Спирко Николовски, претседател на Здружение на пензионери Куманово.

Ансамблот има стотина активни членови. Во иднина се планира нов проект со драмската секција кој ќе опфати репризирање на она што досега е сработено.

 Мора да имаме силна волја за да успееме. Ние пензионерите мора да бидеме секогаш насмеани, угледни, секој со интерес да не гледа. На репертоарот имаме староградски песни, ора, од кумановско, од Егејска Македонија - вели Спаска Димитриевска, играорец.

Концертот имаше голема посетеност. Салата во Центарот за култура “Трајко Прокопиев“ беше полна со пензионери кои дојдоа да ја проследат културно - уметничката програма на КУД “Ѓоко Симоновски“.