Кумановци ќе садат дрвца во Градиште
Акцијата „Ден на дрвото-засади ја својата иднина„ во петок ќе се одржи во селото Градиште. Во акцијата ќе се вклучат граѓаните и учениците од средните училишта, поради што денот е прогласен за неработен.
Организаторите на акцијата обезбедија 16 автобуси кои ќе тргаат од пред средните училишта и ќе ротираат на секои два часа. Во 9 часот автобусите ќе поаѓаат од пред гимназиите „Гоце Делчев„ и „Сами Фрешери„, техничкото училиште „Наце Буѓони„ и пред поранешната зграда на ЗИК, економското училиште „Перо Наков„ и пред касарната Карпош, и земјоделското училиште „Киро Бурназ„. Последните автобуси се враќаат во 15 часот.
Учениците од основните училишта денот ќе го искористат за настава во природа и чистење на училишните дворови. Тие од Шумското стопанство ќе добијат по пет садници кои ќе ги засадт во дворовите.