Мени

Кумановци извисени на упис во Воена академија

12.09.2012 10:18 | KumanovoNews

 Четворица кумановци, кои конкурирале на Воена академија “Генерал Михајло Апостолски“ во Скопје, тврдат дека не се примени на академијата и покрај тоа што биле високо рангирани на листата.

Кумановци извисени на упис во Воена академија

Тие обвинуваат дека конкурсот е наместен и дека се примени луѓе со врски, кои не ги исполнуваат пропишаните критериуми во конкурсот.

 Јас сум десета на листата со 93 бода. Примени се само неколку кандидати што се над мене, сите останати имаат помал број поени. Не ми е јасно по кој критериум тие се примени, а јас не сум. Кога отидов во деканатот и прашав дали имам право на жалба, ми рекоа дека оваа година министерот донел таква одлука да нема приговор - вели една од оштетените Марија Трајковска.

Студентите кажуваат дека од вкупно 25 примени кандидати, 12 се од етничка заедница. Александар Величковиќ објаснува дека според конкурсот 25 отсто од примените кандидати треба да бидат од малцинствата.

Има 12 од малцинства, ама сите се Албанци. Нема нити Власи, нити Срби, ниту било кои други. Јас се чувствувам оштетен како Србин и мислам дека заслужувам објаснување за она што се случило - вели Величковиќ.

Еден од кандидатите е дете на воен инвалид со 40 отсто инвалидитет и како таков немал привилегии при уписот.

Несудените питомци  бараат од надлежните институции да го испитаат случајот и да утврдат по кој критериум  се примени студентите. Тие се одлични ученици со завршено гиманзиско образование и постигнале добри резултати за физичка способност.  Се жалат и на тоа што доцна им ги вратиле документите од академијата, дури на 3 септември во попладневните часови, па едвај успејале да го фатат уписниот рок да се запишат на други факултети.