Кумановци земаат жени од Албанија
Со години ергени од многу македонски села од различни краеви земаа жени од Албанија. И во кумановско оние мажи кои и по 40 - та година од животот не можат да најдат сопруга се решаваат на ваков чекор.
Во Куманово има неколку мажи кои за 500 евра со посредници пред некоја година договориле брак со жени од соседна Албанија.
Во брак се неколку години, имаат две деца, сега и трето очекуваат. Човекот стар се ожени и плати одредена сума, ама жените се многу попослушни од нашите. Секое утро жената станува во 5 часот, вари кафе, го испраќа на работа и продолжува со домашните обврски - раскажуваат кумановци.
И во Старо Нагоричане има две девојки од Албанија кои тука го нашле својот животен сопатник. Мештаните велат дека во селото нема девојки и обидите на мажите да се оженат остануваат неуспешни. Кажуваат дека во селото има над дваесет стари ергени.
Едната жена е дојдена во зима, а другата е пред неа омажена. Значи за една година во селото се дојдени две Албанки. Всушност не знаеме, по националност можеби и се Македонки бидејќи има наши кои живеат во Албанија. Доаѓале родителите, виделе какви услови за живот има и се договориле. не знаеме како е таму, можеби се живее посиромашно. Овдека девојки во селото скоро и да нема, па и да имаа сакаат да се омажат во град, да земат некој што има стабилна работа. Свадби има многу ретко - вели постара жена од Старо Нагоричане.
Пред седум години се споменуваше дека во општина Старо Нагоричане 10% од населението се самци. Ако порано мешаните бракови посебно меѓу Македонци и Албанци беа табу тема, сега на тоа се гледа поинаку. Според некои неофицијални информации за невеста од Албанија се плаќа и до 1000 евра. Се смета дека просечна возраст на која овие девојки се мажат е 17 години.