Kумановец повреден во Авганистан
Македонец е ранет мината недела во Авганистан, кога талибанци ја нападнале базата во која се наоѓал британскиот принц Хари- пренесува весникот Вест.
Според неофицијални информации, станува збор за кумановец, кој работел како возач во базата Ледарнек. Тој бил повреден ноќта во петок на сабота, додека со автобус превезувал американски војници и работници од Босна во кругот на неговата база. При нападот на бунтовниците два куршуми го погодиле во прстите, по што бил пренесен во болница во Кандахар. Подоцна го префрлиле на лекување во Дубаи. Во автобусот покрај Македонецот биле повредени и шест американски војници, додека двајца маринци загинале.
Kумановци кои работат во останатите бази во Авганистан за ранувањето на нивниот сограѓанин дознале од Фејсбук.
„Брзо заздравување на нашиот пријател од Македонија кој беше погоден во нападот на нашиот камп вчера„.„ Издржи друже, ние сме со тебе„ - напишале неговите пријатели.
За повредениот кумановец во Авганистан во нашата држава не знае никој. Во Министерството за надворешни работи велат дека кај нив не е пријавен таков случај, а во АРМ информираат дека тие се задолжени да се грижат само за нивните војници во Авганистан.
Во американските бази во Авганистан работата некoлку илјади кумановци. Тие се ангажирани преку американски фирми кои даваат логистичка подршка на војската. Најголем дел од нив работат во кујните, како возачи и занаетчиски работници за одржување во базите. И покрај интензивните напади во Авганистан, кумановци кажуваат дека се чувствуваат безбедно, но мораат строго да ги почитуваат правилата во кризниот регион. Сите имаат задолжено панцири и шлемови кои се должни да ги носат на отворено и во одредени ситуации кога имаат тревога во базата. Ова е втор случај на ранет кумановец, откако пред две години исто така беше повреден еден работник во нападите на бунтовниците во Ирак. (преземено од Вест)