Куманово има 136 невладини организации
Информациите со кои располага Централниот регистар говорат дека во градот има 136 организации кои ги исполнуваат условите пропишани со Законот за здруженија.
Многу од невладините организации не и се познати на јавноста, немаат своја веб страна, немаат канцеларија, ниту телефон за контакт. На прсти се бројат граѓанските здруженија кои сериозно работат на решавање на одредени општествени проблеми. Една од нив е општинската организација на Црвениот Крст во Куманово, која постои од 1946 година. Таа денес има над 200 волонтери, Собрание од 23 члена, извршен одбор од 7 члена и 11 комисии.
Пет основачи се потребни и статут да се одреди за да се регистрира една организација. Работата на Црвениот Крст е уредена со закон и со меѓународни конвенции. Имаме 43 општински орагнизации во земјава плус една во Скопје. Овде се вработени четворица и се назначува секретар. Во Куманово има сериозни, но има и невладини кои наменски се формирани - вели Иле Митковски, секретар на Црвен Крст Куманово.
Тој додава дека порано избегнувале соработка со други невладини, но сега практикуваат се во интерес на граѓаните.
Од невладината ромска организација “Кам“ велат дека има неколку сериозни невладини организации, но има и такви кои еднаш годишно ќе успеат да добијат проект, ќе го сработат и потоа се пасивни.
Ние постоиме десет години и работиме со Национален Ромски Центар и Рамаси. Една сериозна невладина организација треба да има услови, капацитет и стручен кадар. Има организации кои се отвараат, па многу брзо се затвараат - вели Сања Петрушевска, администратор во “Кам“.
Стефан Маневски, секретар на Центар за меѓукултурен дијалог вели дека стереотипи сеуште има и дека граѓаните не им веруваат на невладините организации. Објаснува дека организациите кои не биле базирани на граѓанска иницијатива веќе не постојат. Според него се побројни се организации кои се водени од активни граѓани на Куманово. Маневски е категоричен дека Куманово има дваесетина активни организации што не е доволно и не значи дека имаме развиен граѓански сектор.
Процесот на формирање на Локален Младински Совет кој ЦИД го започна со 20-тина младински организации, подмладоци на политички партии и ученички совети покажува дека во моментот младинските организации се подготвени на отворена соработка и се заинтересирани здружено да работат на подобрување на младинските политики во Куманово. Се надевам дека вакви процеси ќе се интензивираат и во останатите сектори кои се значајни во Куманово како меѓуетничките и меѓурелигиските односи, системите за социјална работа и социјална заштита, вработувањето и поддршка на економскиот развој, здрава животна средина , контролирана урбанизација - додава Маневски.
Во последнава деценија граѓанскиот сектор во Куманово забрзано се развива и се повеќе институции ги прифаќаат невладините организации како соодветен партнер во надминување на одредени граѓански проблеми.
Одредена резерва во јавноста постоа само од аспект на тоа што дел од организациите се поврзани со политички партии, па понекогаш граѓаните не знаат дали нејзините членови делуваат како партиски активисти или како претставници на независни организации.