Куманово има доволно огревно дрво
Од Шумско стопанство Куманово велат дека криза за дрва нема да има и дека располагаат со количини кои се доволни за потребите на кумановци.
Граѓаните на Куманово кои се грејат на дрва немаат проблем да ги набават. Од шумско стопанство тврдат дека има доволни количини на огревно дрво и дека граѓаните можат да го купат во нивните складови. Тие велат дека во 97 отсто од случаите граѓаните бараат бука, а помалку даб.
Кубик дрво за огрев има просечна цена од 2380 денари. Во септември најмногу се купуваат дрва. Ние од лани имаме 300 кубици кои се останати во складот во Бедиње. Криза за дрва немало претходните години, а нема да има ни годинава. Цените треба да се намалат, но чекаме одлука од Владата и штом ќе ја добиеме нема да има никаков проблем. Тоа значи дека цените дополнително ќе се дефинираат. За социјалците ќе има попуст. Ние нудиме многу поквалитетно дрво од она што е во приватните складови. Тие дрва се купувани од повеќе места и немаат исти квалитет - објаснува Ваит Саити, раководител на “Шумско стопанство Куманово“.
Шумарите велат дека во годините кога цените се високи, нормално е да се очекуваат повеќе кражби. Дел од граѓаните крадат дрва за да се обезбедат за зима. За повеќето граѓани најприфатливо е дрвата да ги купуваат на рати.
На телевизија кажаа дека оваа сезона ќе има доволно дрва. Купувам обично од приватни складови. Цената е 2500 денари за кубик. Секоја зима трошиме по шест кубици дрва. Дрво си е дрво, но ние набавуваме бука. Кога купуваме дрва не ни даваат да бираме. Малку и не поткраднуваат бидејќи во еден кубик дрвата не се убаво наредени па има празен простор. Ако треба да биде должината метар, тие ставаат дрва од по 90 цм - вели Сашо Младеновски, жител на Куманово.
Граѓаните велат дека во градот има дваесетина приватни складови каде се продаваат дрва за огрев. Дрвото важи за најевтин енергенс. За пензионерите се нуди уплата на рати и тие дрва обезбедуваат неколку месеци пред да почне грејната сезона.