Кумановските и дубровничките гимназијалци остварија соработка
Делегација од гимназијата “Гоце Делчев“ на почетокот на ноември беше во посета на Првата дубровничка гимназија, каде е потпишан меморандум за соработка меѓу двете училишта.
- Дефинирани се принципите на кои ќе соработуваме, тоа се проекти на кои што учениците ќе ја искажат својата креативност, а посебно ќе биде ставен акцентот на културното наследство, пред се на јазикот, сите писатели, дејците нивни, кои ние ги изучуваме и нашите писатели кои се дел од нивниот воспитно - образовен процес. Верувам дека ќе правиме проекти за заштита на животна средина, екологија, тука ќе бидат спортските манифестации. Во најкраток рок ќе бидат направени нацрти за првите проекти кои ќе ги презентираме пред Европските фондови. На пролет треба да ни ја возвратат посетата Хрватите - рече Љубиша Николиќ, директор на Гимназија “Гоце Делчев“.
Тој потенцираше дека македонскиот и хрватскиот народ се пријателски настроени, имаат заеднички корени и блискост. Дуборовничката гимназија е меѓу првите приватни училишта отворени во Хрватска. Николиќ вели дека моделот на работа е многу сличен со оној на кој функционира нашата Гимназија.