Кумановските Роми аргати во селата на југот од државата
Повеќе ромски семејства од Куманово во наредниве три месеци ќе заминат на сезонска работа во поле во Кавадарци, Росоман и Скопје. Тие велат дека во последниве две години работата е значително намалена, но тие и не прифаќаат секаде да работат, бидејќи се случувало да не бидат исплатени.
Десетина семејства од Средорек и стотина Роми од населбата Банево Трло сезонски работат како аргати. Тие копаат пченка, сончоглед, берат вишни, грозје и работа на нивите онаму каде ќе бидат повикани.
Порано луѓето масовно одеа на работа. Сега ги собираат кај пазарчето во Средорек и работат луѓето за дневница од 300 до 500 денари. Мажи, жени, сите кои се способни за работа. Има Роми кои зборуваат албански јазик и одат да работат во Липково - вели Селвија Ибраимовска, жител на Средорек.
Дел од Ромите сезонска работа договараат преку посредници. Тие подолг период престојуваат и работат во кавадаречко каде им е обезбеден по еден оброк дневно. Ромите тврдат дека од оваа работа не можат многу да заработат, туку само да се прехранат.
Јас одам и не плаќаат по 15 денари за гајба грозје. Тоа е тешка физичка работа, ама луѓето едвај чекаат да ги понудиш, да земат пари од некаде. Добиваме доручек или ручек, ама уште два оброка мора сами да си купиме и пола од парите во старт се потрошени - објаснува Трајче Мамутовски од Средорек.
Тархан Ибраимовски веќе седум години им посредува на Ромите за сезонска работа. Вели дека се работи од 5 часот наутро до 5 часот попладне. Ибраимовски додава дека многу пати се случило да бидат измамени и да не добијат пари. Во такви ситуации не можат ништо да направат и се задоволуваат со компензација, па наместо пари газдите им даваат брашно.