Мени

Курбан Бајрам се славеше во “Сами Фрашери“

06.10.2014 14:30 | KumanovoNews

Во Гимназија “Сами Фрашери“ ученици и наставници од различни етнички заедници денеска заедно го славеа Курбан Бајрам.

Курбан Бајрам се славеше во “Сами Фрашери“

Прославата е дел од проектот “Безбедни училишта“, кој трета година по ред го реализира отсекот за превенција при СВР Куманово. На ваков начин младите од различни националности и вери се запознаат, дружат и учат за туѓата традиција.

“Целта е подобро да го запознаеме различниот од себе за да подобро се почитуваме. Куманово е мултиетнички град и тука се и соседните општини Липково и Старо Нагоричане, кои иако се други општини, сепак се една целина. Учениците таму ќе завршат основно, меѓутоа во средно образование се на подрачје на Куманово. Идејата што потекна од самите ученици за една ваква активност ни дава надеж дека на ова наше подрачје ќе се живее мирно како и досега“ - изјави Виолета Богдановска од отсек за превенција.

Абедин Ефенди Имери од Исламската верска заедница им порача на верниците да живеат во мир и хармонија, и да прават добри дела.

“Курбан Бајрам е многу голем празник и верски и хуманитарен и културен. Среќата е над сите верници од исламската вера. Овој празник содржи многу пораки важни за да го организираме нашиот живот и го опфаќа духовниот, социјалниот и хуманитарниот аспект“ - вели Абедин Ефенди Имери.

На прославата присуствуваа директори, професори, ученици од повеќе училишта од Куманово, советници и други.