Квиз за ЕУ во „Наце Буѓони“
Во техничкото училиште „Наце Буѓони“ денеска се одржа квиз за ЕУ, за средношколците од градот.
Квизот седма година по ред се организира по повод 9 мај-Денот на Европската Унија. Учениците одговараа на прашања за ЕУ, а дел од натпреварот беше и изложба со слики инспирирани од ЕУ.
Пред седум години со мојата колешка Светлана Сарк, за да ги мотивираме нашите ученици за поголемо знаење на ЕУ организиравме квиз натпревар. Следната година ги повикавме и нашите колеги од македонски и од албански средни училишта во Куманово да ни се придружат - кажа Светлана Илиевска Алексовска, професор по граѓанско образование во “Наце Буѓони“.
Целта на квизот е наставниците и учениците да ги истражуваат вредностите на кои се темели Европската Унија. Квизот го поддржаа и од секторот за меѓународна соработка и евроинтеграција при Општина Куманово и Инфо точка.
Секоја година се организира квизот и изложбата. Квизот не е само натпревар туку и дружба меѓу етникумите. Има многу деца што имаат талент за цртање и тука се изложени слики и од минатите години. На настанот кој ќе биде организиран во петок од 12 до 14 часот ќе учествуваат сите училишта и над 100 ученици ќе се претстават со цртежи и музички точки - изјави Арбен Мемети, координатор на Инфо точка во Општина Куманово.
Квизот е добар начин, учениците да се дружат со врсниците од другите етнички заедници од градот.