Ладна вода делеа волонтерите на Црвен крст
Младите од Црвен Крст Куманово денеска на Градскиот плоштад поставија штанд на кој се служеше ладна вода. Една чаша обична или минерална вода добиваа граѓаните за да ја угаснат жеддта.
Се трудам колку можам да бидам под сенка. Живеам во стан и многу е топло. Сега сум излезена и дури по седум часот навачер шетам надвор со децата. Се разладуваме со ладни сокови дома - вели Марина Доцевска.
Волонтерите од Црвен Крст делеа и флаери со препораки како полесно да се издржи топлотниот бран. Обичните вентилатори не влијаат на температури над 35 Целзиусови степени. Граѓаните треба да избегнуваат алкохол и пијалоци кои содржат кофеин на високи температури. Во текот на овие летни горешнини неопходно е туширање неколку пати во текот на денот. Посебно внимателни треба да бидат луѓето со срцеви, невролошки и белодробни заболувања.
Жештините почнаа и неколку пати ќе организираме ваква акција. Овие активности се прават три години по ред. Лани одзив имаше, и се надеваме дека и денеска ќе биде исто. На граѓаните им нудиме чаша вода, обична или минерална, зависно од нивната желба. Има вода за стотина граѓани - рече Сања Стојмановска, координатор на млади во Црвен Крст Куманово.
Во летниот период овошјето и зеленчукот кои се конзумираат треба добро да се измијат, а термички подготвената храна да се јаде веднаш. Граѓаните треба да избегнуваат мајонез направен од домашни јајца, кремови и слично.