Лекарите понижени со плаќањето по учинок
Специјалистите од Општа болница Куманово денеска напладне излегоа на мирен протест во кругот на болницата за да го изразат нивното незадоволство од плаќањето по учинок.
Лекарите сметаат дека од нив треба да се бара квалитет, а не квантитет. Со плаќањето по учинок сметаат дека се изедначени со работниците во фабриките кои работат на норма. Со овој мирен предупредувачки штрајк тие сакаат да извршат притисок врз Министерстото за здравство да ги прифати нивните барања.
Ние треба да работиме за здравјето на луѓето, да не правиме фалсификати, да не лечиме здрави луѓе, туку да лечиме болни пациенти. Ова е само момент да се укаже вистината и нема да се откажеме бидејќи срамен акт ни наметна министерството за здравство - изјави Борче Божиновски, хирург во Општа болница Куманово.
Лекарите планираат генерален штрајк на ниво на држава доколку не се стопираат реформите кои се на штета на лекарската фела. Новиот начин на плаќање за нив е уцена.
Плаќањето по учинок е само еден од мотивите за да излеземе на ваков протест. Севкупната состојба за една ваква образована категорија на луѓе кои имаат многу одговорна професија е голема причина за да протестираме. Здравствената фела беше чувар на социјалниот мир сите овие години. Имавме проблеми, се соочувавме со многу потешкотии, лоши услови. Ова задушување на штрајк е без преседан во демократска држава. Моделот за плаќање по учинок е пресликан од оној во Турција. Но таму лекарите кои повеќе работат имаат 20 отсто повисока плата, а да земе лекар 80 отсто од плата е без смисла - вели една од докторките.
Лекарите ги повикуваат надлежните од министерството да размислат како го третираат високо стручниот кадар во болниците за да не се чудат подоцна зошто тој си заминува од државното здравство.
За време на протестот лекарите од ургентните служби останаа на своите работни места.