Лекарите скептични за плаќањето по успешност
Лекарите се сомневаат дека оваа реформа ќе вроди со плод и сметаат дека плаќањето ќе биде нереално.
Од завчера стартуваше плаќањето по успешност на лекарите. Во неколку наврати министерот за здравство објаснуваше дека сите лекари имаат 100 одсто плата на почеток од месецот, но оние кои најмногу ќе се залагаат ќе добијат 20 посто како награда, а исто толку ќе бидат казнети оние што несовесно си ја вршат работата. Лекарите се сомневаат дека оваа реформа ќе вроди со плод. Тие сметаат дека плаќањето ќе биде нереално.
Немаме претстава како тоа ќе функционира. Ако е законско решение се разбира дека мора да се почитува, но не секогаш обемот на работа зависи од лекарот. Да речеме во сезона на грип има премногу работа. Ако оваа недела немало несреќи, немало работа, тогаш не е до мене. Неправедно е да се мерат лекарите еден со друг. Подобро нека има норма за секое одделение посебно. Ако се знае колку ми трае еден преглед, преку брзината и ефикасноста на сработеното нека ме вредуваат. Ова е тимска работа. Како тоа да се казни лекарот, а другиот персонал да има фиксна плата - вели наша соговорничка.
Други лекари коментираат дека за оние кои напорно работат ваквото плаќање ќе биде од корист, а оние со помалку пациенти ќе бидат општетени. И досега директорите месечно добивале извештај за тоа кој колку сработил. Според лекарите, ако плаќањето по успешност има недостатоци и нанесе штета на здравствените работници целата фела ќе се побуни преку комората и преку медицинските асоцијации.