Мени

Лесковачка роштилијада примамлива за кумановци

29.08.2014 10:32 | KumanovoNews

Гастрономската манифестација „Роштилијада“, која по 25-ти пат се одржува во Лесковац, Србија, привлекува многу посетители од Македонија и Куманово.

Лесковачка роштилијада примамлива за кумановци

Роштилијадата започна во понеделник, а ќе трае до недела. Покрај добрата храна има и богата понуда на културно-забавна програма.

Од Туристичката организација на Лесковац велат дека со години работат на тоа манифестацијата да прерасне во Балканска.

Тоа ќе значи претставување на кулинарските специјалитети на сите балкански земји на едно место. Македонците, Босанци, Бугари и останатите. Оваа година направивме промоција во Скопје, благодарение на нашите партнери од „Лимекс“ и сопственикот Миле Огњеновиќ, кои прават скара по нашиот рецепт, и тоа вроди со плод. Секоја година кај нас доаѓаат многу гости од Македонија и регионот. Шпицот на посетеноста сигурно ќе биде за викенд кога луѓето се слободни - изјави Ранко Цоиќ, директор на Лесковачка роштилијада.

Манифестацијата се одржува на главната улица во Лесковац, на која се поставени штандови со познатата лесковачка скара и печење. Во центарот на градот врие од посетители и музика за сечиј вкус. Секоја година за време на роштилијадата Лесковац го посетуваат неколку стотини илјади туристи и се јаде со тони скара. Кумановци се чести гости на манифестацијата.

Ние со Куманово сме врзани не само географски, туку и духовно и роднински. Секоја година наши гости се голем број кумановци. Имаме соработка и со самоуправа и КУД „Панче Пешев„. Затоа ги повикувам нашите соседи од Куманово, кои секогаш се добредојдени, да не посетат и да поминат незаборавни мигови во дружење и уживање во храната,- додаде директорот Цоиќ.

Годинава на втората вечер настапи македонскиот гитарист Влатко Стефановски и културно-уметничко друштво „Никола Вапцаров“ од скопската населба Аеродром. Публиката беше воодушевена од мајсторство на гитара на Влатко и заедно со него ги пееше познати хитови и преработки на стари македонски песни.

Лесковац е соседски град, и на оваа манифестација свирам по вторпат. Во јуни годинава одржав хуманитарен концерт за потребите на поплавените и, ете, лесковчани мислат на мене и често ме викаат. Лесковачката скара нема грешка и секогаш давам подршка на ваквите манифестации - изјави Влатко Стефановски.

Организатор на роштилијадата е Туристичката организација на Лесковац и градот Лесковац.