Липковка се излејала во Бедиње
Реката Липковка вчера се излејала во населба Бедиње, кај Шумско стопанство при што поплавила 2 хектари земјиште.
Од Регионалниот центар за управување со кризи објаснуваат дека како резултат на обилните врнежи од претходните денови, топењето на снегот во карадачкиот регион, водостојот се зголемил и пет тополи паднале во речното корито, со тоа се намалил протокот на вода и дошло до излевање.
Дошло до вонбедемско излевање на водата од коритото, и поплавување во моментот само на обработливи земјоделски површини, но не е исклучено во зависност од интензитетот на протокот на вода и зафаќање на објекти и постоечка инфраструктура. Комуналниот инспектор од Општина Куманово излезе на местото на настанот , направи увид и известени сме од истиот дека ќе ги преземе понатамошните мерки, во рамки на неговите надлежности и овластувања со цел да се отстрани паднатата дрвна маса - стои во соопштението од РЦУК.
Претходните денови во кумановско имаше обилни врнежи од дожд, при што наврнаа повеќе од 28 литри дожд на метар квадратен површина.