Мени

Манастирот „Прохор Пчински„ сеуште привлечен за кумановци

09.07.2012 08:44 | KumanovoNews

 Посетителите ги плени убавата природа, но и историската важност на овој верски и духовен храм, каде се одржало првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година. Нашиот народ го доживува како симбол на државноста.

Манастирот „Прохор Пчински„ сеуште привлечен за кумановци

На неколку километри од граничниот премин Пелинце во соседна Србија се наоѓа живописниот манастирски комплекс „Прохор Пчински„ кој датира од 11 век. Ова место е лоцирано во планинскиот предел на Козјак, по текот на реката Пчиња. Посетителите ги плени убавата природа, но и историската важност на овој верски и духовен храм, каде се одржало првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година. Прохор Пчински го посетуваат туристи, Македонци, Срби и странци. Нашиот народ го доживува како симбол на државност.

На големите христијански празници верниците добиваат ручек во манастирскиот двор. Надвор од дворот има парк кој е уреден со етно елементи, летниковци од дрво и огради од камен. Гостите можат да ручаат во скромниот ресторан во близина каде ќе ве послужат со посна храна, специјалитети од риба доколку доаѓате во период од годината додека траат строгите пости. Постарите жители на Куманово се сеќаваат на времињата кога организирано од работа заминувале на прослава во Прохор Пчински.

Православни сме, доаѓам еднаш годишно на големи празници. Ме влече мене ми е роден крај, а сум мажена во населбата Карпош. Ми се допаѓа местото - вели Нада Вељковиќ од Куманово.

Според нивните кажувања музика имало преку ден и навечер, а на панаѓурот кој се организира можело да се купи се и сешто. И денес на манастирот се продаваат сувенири и икони.

Секоја втора или трета недела со автомобил навраќам овде. И празниците не ги пропуштам. Голема посетеност имаше и во времето на СФРЈ , буквално немаше место каде да се седне. Сега доаѓаат Македонци претежно од Куманово. Овој манастир е посебен бидејќи е во пограничен појас, и во овој дел е поголем верски објект - вели жител на Врање.

Од северна, западна и јужна страна Прохор Пчински има впечатливи конаци. Врањскиот конак е изграден во средината на 19 век од некој врањски трговец.

 Во месец мај има екскурзии, многу народ доаѓа. Не знам колку е точно, но се зборува дека во Србија е трет манастир според староста, а по посетеност седми. Се реновира и ќе биде многу поубав - објаснува Горан Младеновиќ од село Кленике.

Манастирот Прохор Пчински се наоѓа на 30 км оддалеченост од Врање. Светецот во чија чест е подигнат храмот потекнувал од овчеполскиот крај. Целиот живот му служел на Бога, а имотот го разделил на сиромашните. Според преданијата Прохор Пчински 32 години живеел во пустина и уште 30 години поминал во пештера. 

Викендов манастирот го посетија пензионерите инвалиди од Куманово, кои уживаа во природата и спомените.