Менувачниците турбо работат во лето
Девизи најмногу се менуваат во лето кога Македонците се враќаат од Авганистан, а Албанците од Германија и Швајцарија, па честопати се случува на неколку часа или до крајот на работниот ден менувачниците да немаат евра.
Точно не може да се предвиди, но најголем промет има додека трае летото. Најбарана валута е еврото. Ако снема пари им советуваме на муштериите да се вратат за неколку часа додека да ја обезбедиме потребната девиза - велат од менувачница “Берза“.
И од другите менувачници потврдуваат дека раздвижување има кога печалбарите се враќаат дома. Велат дека овдешните граѓани скоро и да немаат потреба да менуваат пари, бидејќи едвај опстануваат. Вообичаено луѓето менуваат до 100 евра, не повеќе, додаваат тие. Според нив најбарани валути се еврото и доларот.
Банкнота има од 500 евра, ама таква дали еднаш во година ќе се случи да ни донесе клиент да ја смениме. Кога народот нема пари, тоа влијае на нашата работа, се чувствува. Тој еден месец кога луѓето се прибираат дома, доаѓаат од странство, се работи повеќе - објаснуваат од менувачница “Гига“.
Вработените во менувачниците потсетуваат дека пред Нова година луѓето во паника ги менуваа еврата и купуваа швајцарски франци, бидејќи сметаа дека еврото ќе пропадне. Тогаш тие имале недостиг од одредени девизи. Сега состојбата е променета. Еврото и понатаму за граѓаните останува најдоверлива валута.