Министерот Кралев го посети “Мулти Култи“
Министерот за образование Панче Кралев, заедно со Шелдон Јет, претставник на УНИЦЕФ и Ричард Ховит, член на Европскиот парламент и известувач за Македонија ги посетија просториите на Младинскиот центар “Мулти Култи“.
Тие имаа можност да се сретнат со ученици и вработени од училиштата “Вук Караџиќ“ и “Наим Фрашери“. Кралев рече дека партнери на министерството се невладините организации и странските претставници кои помагаат за подобрување на односите меѓу заедниците.
-Верувам дека ако продолжиме во оваа насока, со вакво темпо на работа и заложби, дека ќе успееме да ја постигнеме крајната цел, што поголема интеграција и заеднички активности на сите заедници кои се дел од нашето општество - кажа Кралев.
Активистите во “Мулти Култи“ пред присутните зборуваа за својот ангажман и работилниците кои ги организираат.
- Направивме една презентација за тоа што ние работевме во изминативе години и што работиме сега, за предизвиците со кои се соочуваме на терен и како истите да ги надминеме со цел да придонесеме во имплементирањето на стратегијата за интегрирано образование - изјави Ивана Давидовска, генерален секретар на “Центар за меѓукултурен дијалог“.
Известувачот Ховит рече дека интегрираното образование не е само парче хартија и затоа треба да се спроведе меѓу младите. Слична порака упати и Шелдон Јет.
- Ние сакаме да учиме од младите луѓе, за нивните активности. Образованието не е само математика, физика или учење француски јазик, туку е учење на вештини на комуникација, на заедничка соработка, се она што им треба на младите да напредуваат во животот - додаде Јет.
Тој изјави дека за Европа е важно да се негуваат добрите односи меѓу различните етникуми.