Младите кумановци трчаа за мир во светот
Стотина средношколци и спортисти од Куманово попладнево се приклучија на глобалната трка за мир.
Интернационалната штафетна трка почна од Португалија, помина низ сите европски земји, и од Грција пристигна во Македонија. Откако помина низ 15 општини, од Куманово трката за мир ќе продолжи во Србија.
“Огромна чест и задоволство ни е што денеска можеме овој запален факел да го донесеме во нашиот град. Ова е факел на мир, кој што поминува во повеќе од 150 земји ширум светот. Илјадници и илјадници луѓе го држат овој факел и замислуваат желба за мир. Сите овие желби патуваат насекаде низ светот, но секако и низ 48 - те земји кои што трката за мир ги посети оваа година низ Европа. Вие докажавме дека се грижите и сакате да придонесете за мир“ - вели Апагуа Весели, координатор на европскиот тим.
Факелот на мир беше предаден на градоначалникот Зоран Дамјановски, кој нагласи дека Куманово е град на мирољубиви луѓе.
“Не случајно сме тука, како што најави организаторот, Куманово е град на млади луѓе, на добри спортисти, а пред се град носител на порака на мир. Куманово е тоа го докажа уште во 1945 година, во 2001 година и многу други кризи кои Куманово знаеше на најдобар начин да ги решава“, - изјави Дамјановски.
По повод глобалната трка за мир на плоштадот имаше културно - забавна програма. Куманово досега неколку пати беше домаќин на трката за мир.