Мени

На Куманово му фали хотел

01.08.2012 08:40 | KumanovoNews

 Граѓаните и угостителите се едногласни дека е срамота во еден од најголемите градови во кој се вкрстуваат најзначајните патни правци во државата да нема угостителски објект во кој ќе можат да се сместат поголем број на гости.

На Куманово му фали хотел

На Куманово му недостига модерен и луксузен хотел. Граѓаните и угостителите се едногласни дека  е срамота во еден од најголемите градови во кој се вкрстуваат најзначајните патни правци во државата да нема угостителски објект во кој ќе можат да се сместат поголем број на гости.  Засега потребата за сместување ја покриваат пет- шест помали објекти.

Членови на здруженија на граѓани, објаснуваат дека кога сакаат да организираат семинар со поголем број на луѓе надвор од Куманово се јавува проблем каде ќе ги сместат гостите. Според нив во градот скоро и да нема објект кој може да се нарече хотел во вистинска смисла на зборот.

 Повеќе конгреси се организираат во Струмица, Виница, Валандово , а Куманово го одминуваат баш од тие причини. Што ако имаме сала во Центар за култура кога немаме асален хотел? Во 20 часот навечер кога ќе заврши предавање тој што дошол од Скопје ќе си оди, ама тој што е од Гевгелија му треба сместување. Во таква ситуација или ќе мора на десет места да ги сместуваме гостите или да ги носиме во околните ресторани - велат нашите соговорници.

Од хотел “Сателит“ велат дека секој сместувачки капацитет кој има десет соби не може да се нарече хотел по ниту една класификација. Тие додаваат дека кај нив гости има преку лето, а во зимскиот период посетеноста е послаба. Објаснуваат дека на гостите им се важни условите, а не категоријата на хотелот.

 Ние сме од А категорија со три ѕвездички. Базен направивме, имаме уште десет соби кои треба да се уредат и ќе бидеме хотел со четири ѕвездички. Вкупно имаме 40 соби. Има многу импровизации. Хотел скоро и да нема во градот, секако тука не ги сметам оние капацитети кои се под Општина Старо Нагоричане - вели Силвана Михајловиќ, сопственик на “Сателит“.

Од Општината Куманово велат дека нема инвеститор кој е заинтересиран за да изгради хотел во градот. Според нив се се сведува на мали хотели кои нудат сместување.

Додаваат дека засега остануваат хотел “Кристал“ во центарот на градот  и “Куба“ кој е во лоша состојба да се реновираат и да се вратат во функција, како пред двесетина години.