На кумановските училишта им недостигаат логопеди?
Во кумановските училишта скоро и да нема логопеди.
Драгица Велковска, советничка од СДСМ на вчерашната седница на Советот на општина Куманово го праша градоначалникот зошто не се вработуваат логопеди во училиштата иако се потребни.
Секоја година ни доаѓаат деца со големи мани во говорот, а во градот има само еден логопед во “Браќа Миладиновци“. Куманово има најголем број на училишта и на ученици. Со години училиштата доставуваат барања до Министерството за образование за вработување на логопеди и дефектолози - рече Велковска.
На ова прашање градоначалникот Зоран Дамјановски одговори дека тешко се добива согласност за вработувања во образование, освен во случаи кога некој наставник ќе замине во пензија и е неопходна замена.
Прашањето е многу добро, и не е само за логопеди, дефектолози, туку и за педагози, психолози. Ние за 8 години немаме ни една согласност за вонаставниот дел, само за итни случаи ако имаме некој во пензија. За ова треба да се врши политички притисок, да се дебатира бидејќи Куманово е општина која го одржува, но и го покачува бројот на ученици - кажа градоначалникот.
Тој објасни дека за овој проблем ќе разговара со министерот за образование.