Над 4500 читатели има кумановската библиотека
Библиотеката “Тане Георгиевски“ има над 3000 редовни читатели и уште 1500 корисници на библиотечниот фонд кои зајмуваат списанија, весници, стручна литература.
Најмногу читаат учениците и студентите. Најбарани се лектирните изданија, љубовни романи и научна фантастика, а потоа следува останата литература. Преку различни активности библиотеката настојува да го зголеми бројот на корисници.
Лани имаше пораст на корисници на библиотечните фондови. Читалната се користи секојдневно. Сакаме да придобиеме што повеќе читатели. На редовните читатели на 23 април на Светскиот ден на книгата им делевме книга и цвеќе на подарок. Кога е месецот на книгата од 15 октомври до 15 ноември правиме различни активности за да ја популаризираме книгата. Распишуваме и конкурс на тема “Книга“ при што учениците ги наградуваме. По Струшките вечери на поезијата пет или шест странски поети донесуваме во Куманово и тие на Градскиот Кеј го читаат своето творештво - рече Нада Ивановска, директор на библиотеката “Тане Георгиевски“.
Ивановска додава дека книгите кои беа набавени на Саемот на книга веќе можат да се зајмуваат и се достапни на читателската публика.