Наезда на волци во кумановско и липковско
Жителите на кумановските села се жалат дека волци ги сардисале нивните имоти, па се плашат дека покрај добитокот ќе почнат да ги напаѓаат и нив.
Мештаните на селото Романовце тврдат дека често гледаат волци како слободно се шетаат во полето, и не се плашат од луѓето.
Од ловечкото друштво „Фауна„ потврдуваат дека има наезда на волци во кумановско-липковскиот регион. Тие сметаат дека волците слободно се шетаат по населени места затоа што во изминатите две години имало забрана за нивно ловење, и многу се накотиле.
„Во целиот североисточен регион има волци како никогаш до сега. Иста е состојбата и во Старо Нагоричене, Ранковце, Кратово. Селаните се на мака од нив затоа што им правaт големи штети, ама немаат начин да се заштитат. Не смејат да ги остават стадата сами ниту еден момент. Волците се вистински ѕверови, кога се гладни нема да земат само една овца, туку ќе ги удават сите и ќе ги остават. Во последно време многу повеќе ги има по нивите и во полето отколку во планинита, бидејќи таму нема што да јадат, а во населните места се хранат и на ѓубришта. Пред десетина дена додека бев на лов кај црквата во селот Романовце видов волк- вели ловџијата Хафис Рамадани од Черкеско село.
Од ловечкото друштво „Фауна„ велат дека доколку надлежните институции побараат од нив, тие се подготвени да организираат хајки за волци за да го заштитат населението од крволочните животни.