Наградени првенците на генерација
Во просториите на општина Куманово денеска градоначалникот Зоран Дамјановски им додели дипломи и книги на учениците на генерација, од основните и средни училишта од Куманово и Старо Нагоричане.
Наградени се 21 ученик од основни и 6 ученици од средни училишта. Градоначалникот Дамјановски им посака успех и ги пофали дека со вакво знаење, Куманово и Македонија имаат иднина.
Ја искажувам мојата голема благодарност до директорите, професорите, наставниците, луѓето кои овозможиле еден регуларен едукативен процес на овие млади луѓе. Да станат тоа за што денеска имаме чест да ги наградиме. До нивните семејства кои успеале да воспитаат такви деца, а пред се големи честитки до самите ученици кои со својата упорна работа и интелектуален капацитет што го поседуваат, успеале да се наметнат и да бидат првенци на генерација. Даваме една силна порака на младите луѓе дека иднината е во знаењето, науката, односно во образованието - изјави Дамјановски.

Претседателката на Здружението на просветни работници Куманово, Лидија Николовска Георгиевска објаснува дека оваа манифестација се прави традиционално по повод 24 мај-Денот на сесловенските просветители, но оваа година поради безбедносни причини прославата е со мало задоцнување.
Би сакале учениците секогаш да бидат ентузијасти во својот живот. Да чекорат по патот на знаењето, да ги почитуваат возрасните, да дадат мрежа на соживот, меѓусебна толеранција, да градат мостови на доверба - рече Николовска Георгиевска.

Александар Стојановиќ , ученик во 4 година во Гимназија “Гоце Делчев“ вели дека не е лесно да се добие едно вакво признание, но успешно ги совладал сите образовни предизвици.
Сега се подготвувам за на факултет. На Електротехничкиот факултет планирам да продолжам. Прво е важна волјата, но според мене клучна работа е упорноста. Колку и да имате талент мора да бидете упорни и да го вежбате тој талент - вели Стојановиќ.

Ана Крстевска, ученичка од 9 одделение од „Браќа Миладиновци“ вели дека трудот се исплати и им порача на учениците да учат и да се надградуваат. Иако добила стипендија за во средното училиште Јахја Кемал во Скопје, сепак своето образование ќе ги продолжи во кумановската гимназија, за која смета дека нуди навистина квалитетно образование.