Нема место за инвалидите во јавниот сектор
Граѓаните со инвалидитет се вработуваат во приватниот сектор или во заштитни друштва за овие лица, но не и во државна служба. Она што е пропишано во Законот за вработуавње на инвалиди од 2001 година се спроведува, но во државниот сектор многу ретко се среќаваат вработени инвалиди.
Бранимир Јовановски од Националниот сојуз на лица со инвалидитет вели дека во Куманово имаат 340 члена од кои само дваесетина се невработени, а има и мал дел студенти.
Некои инвалиди наидуваат на коректни работодавци, а некаде има злоупотреби и тие случаи се предмет на анализа на трудовата инспекција. Согласно законот работодавачот треба да го задржи на работа лицето со инвалидитет 3 години, ако не треба да ги врати парите. Државата за овие лица рефундира придонеси. За вработување инвалид газдата добива 20 месечни просечни плати, а ако ангажира лице во количка или сто процентно слепо лице му следуваат 40 плати. Повеќето членови ни се вработени, некои чекаат самовработување, но има и луѓе кои не сакаат да работат и ние со сила не можеме да ги натераме. Не е идеално, но законот функционира - вели Јовановски.
Тој додава дека инвалидите најпогодно е да работат во книжарници, печатници, во бироа за сметководство доколку се во количка или од други причини не можат да работат стоечки. Според него на оваа категорија луѓе им се обезбедува работа по струка. Јовановски објаснува дека на ниво на држава 5.000 инвалиди добиле вработување. Тој смета дека на овие луѓе треба да им се даде шанса да работат во локалните самоуправи, министерствата и другите државни институции.